На 18.03.2015 во Мултимедијалниот центар на УГД се одржа работилница за примената на проектот „Бабини игри“. Проектот е на Глобалниот форум на Мaјкрософт кој се одржа во Вашингтон. Mакедонските наставници го освоија второто место во конкуренција на 115 проекти од 70 земји. Второто место беше освоено токму со овој проект кој е наречен „Бабини игри“.
– Ова е интересен начин на учење кој е близок до детската психологија. Станува збор за стари заборавени игри, кои ги играле нашите баби и дедовци. Многу од денешните ученици сосема ги имаат заборавено. Идејата е тие да се оживеат, да се дигитализираат и да се имплементираат во наставата, во наставниот процес. Има многу игри како што се Јанино – јанино, Бззз, Плочка и други – изјави Марина Василева, автор на проектот.
Дел од игрите се поврзани со современи алатки, како што се „х бокс“ и „кинект“, преку кои децата интерактивно ги играат овие стари игри. Целта е децата да учат преку игра.
– Работилницата ќе биде за сите оние коишто сакаат да се запознаат со начинот на учење преку игра. Овде се опфатени повеќе аспекти. Истражувањата велат дека игрите даваат одлични резултати во учењето на децата – потврди Василева.
Работилницата е во организација на Факултетот за образовни науки при УГД, а поканети се сите наставници од овој регион, но и заинтересирани родители.